Ahmet Furkan Mercan
26 Ноември 2021•Ажурирај: 01 Декември 2021
ТОКИО (АА) - Регионалната администрација на префектурата Окинава се противи на планот на Централната влада за преместување на американската база во рамките на островот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гувернерот на Окинава, Тамаки Дени, на прес-конференција истакна дека нема да го одобрат планот на Централната влада за преместување на воздухопловната база „Футенма“ на американската морнарица во рамките на островот.
Истакнувајќи дека преместувањето на базата нема да ги елиминира заканите кон луѓето во регионот, Тамаки рече: „Продолжувањето на изградбата, чие завршување не е можно, е неприфатливо и безмислено.“
Истакнувајќи дека жителите на островот „негодуваат“ на принудниот план на Централната влада кој е „без соодветно објаснување“, Тамаки рече дека како регионална администрација тие бараат можност да преговараат преку дијалог во демократски рамки.
По официјалната изјава на регионалната администрација дека го отфрлила планот на Централната влада за преместување на базата „Футенма“, даде изјава и министерот за одбрана, Нобуо Киши.
Министерот Киши, одговорајќи на новинарско прашање, рече дека ќе бидат анализирани причините за одлуката на администрацијата на Окинава.
Хироказу Мацуно, главниот секретар на Кабинетот, на прес-конференција, наведувајќи дека планот за промена на локација на базата е „единствениот лек“ за заканите за луѓето во регионот, рече дека ќе сторат сѐ за локалното население да ја разбере причината за промена на локацијата.
Воздушната база „Футенма“, која се наоѓа во густо населениот регион Гинован на островот, се планира да биде преместена во регионот Хеноко, во помалку населениот дел на островот.