Шумските пожари стигнаа до Мадрид во екот на топлотниот бран кој ја зафати јужна Европа
Шпанија се соочува со големи пожари, при што пламените јазици зафатија десетици илјади хектари и предизвикаа евакуации

СКОПЈЕ (АА) - Јужна Европа се бори со големи шумски пожари во екот на една од најжешките летни сезони во последните години, поттикнати од екстремни топлотни бранови и суво време, јавува Анадолу.
На снимка од дрон се гледаат шумските пожари кои стигнаа до шпанскиот главен град Мадрид,
Шпанија се соочува со големи пожари, при што пламените јазици зафатија десетици илјади хектари и предизвикаа евакуации – од рурални села до локации заштитени од УНЕСКО.
Од 1 јануари до 3 август во земјата изгореле 39.155 хектари, што е за 9% повеќе од истиот период лани, но 37% помалку од десетгодишниот просек.
Од 4.735 регистрирани пожари оваа година, 3.274 биле мали (помали од еден хектар), а 14 биле големи шумски пожари (поголеми од 500 хектари), што го надминува просекот во изминатите неколку децении.
Во андалузискиот град Тарифа беа евакуирани повеќе од 2.000 луѓе поради пожар што стигна до станбените зони во Атлантера, а 14 авиони учествуваа во гаснењето.
И во Јужна Франција пожарникарите са справуваат со огромен пожар што зафатил површина поголема од Париз, при што постои опасност силните суви ветрови и топлотниот бран дополнително да ја отежнат работата.
Според властите, пожарот зафатил огромна површина од јужниот француски регион Од, поголема од главниот град на земјата.
Најмалку едно лице загина и неколку се повредени, а стотици пожарникари беа мобилизирани во текот на викендот за да го спречат ширењето на огнот.
Во недела беа затворени туристичките патеки и на италијанската планина Везув, а пожарникарите се бореа со пожар на падините на вулканот. Утре се очекува температура од 40°C и во Фиренца.
Во Португалија, повеќе од 2.000 пожарникари се борат со 10 активни пожари, а земјата е во состојба на готовност од 3 август.
Во текот на викендот приведен е педесетгодишен маж осомничен за подметнување на четири пожари.
Од почетокот на годината таму пожарите зафатија 42.000 хектари – површина петпати поголема од главниот град Лисабон.
Балканот, вклучително Косово, Албанија и Северна Македонија, е во состојба на готовност поради топлотниот бран и активните пожари.
Пожарникарите беа мобилизирани и во Грција за да реагираат на големиот шумски пожар што избувна во Калитехнополис во источна Атина, во пошумена област во близина на станбена зона.
Јавната телевизија ЕРТ објави дека се чини оти се намалува ризикот за околните домови, но силните ветрови влијаат врз напорите за спречување на пожарите.
Вкупно 105 пожарникари, поддржани од 28 возила, се на терен, а пет авиони и пет хеликоптери учествуваат во напорите.
Според Европскиот систем за информации за шумски пожари, од почетокот на годината во Европа изгореле повеќе од 350.000 хектари, со детектирани најмалку 1.478 пожари.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.