Recep Şakar
19 Март 2018•Ажурирај: 20 Март 2018
МЕЛБУРН (АА) - Најмалку 88 станбени објекти и неколку фарми изгореа во пожарите кои ја зафатија австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс и Викторија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од локалната противпожарна служба е соопштено дека шумските пожари избувнале изминатиов викенд во пределите со ниска растителна вегетација и дека брзо се прошириле низ подрачјето.
Најтешка е ситуацијата на периферијата на крајбрежниот град Татра во Нов Јужен Велс, каде што целосно изгореа најмалку 70 станбени објекти.
Пол Бест, претставник на противпожарнaтa службa, утринава соопшти дека синоќешното подобрување на временските услови многу им помогнало на пожарникарите на терен, но дека на евакуираното локално население им е издадено предупредување за продолжување на опасноста од пожари и пролонгирано е нивното враќање во своите домови во најзагрозените подрачја.
Огнената стихија бргу се прошири и во местата Теранг, Гарвок и Кампердаун во Викторија.
Во тоа подрачје изгореа најмалку 18 станбени објекти и неколку фарми на кои настрадаа животни.
Во пожарите во Австралија нема повредени лица, но Австралијците имаат свежи сеќавања на таканаречениот „Црн понеделник“ во 2009 година, кога во најголемиот пожар во историјата на Австралија животот го загубија повеќе од 170 луѓе.