Hajer M'tırı
22 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
ПАРИЗ (АА) - Штрајкот на незадоволните милион вработени во јавниот сектор, денес предизвика сообраќаен колапс во Франција, а низ земјата се најавени масовни протести поради владиниот предлог за реформи на Законот за работни односи, јавува Anadolu Agency (AA).
Вработените во образовниот, здравствениот и другите јавни сектори, стапија во еднодневен штрајк, исто како и контролорите на летање, вработени во јавната железница (SNCF) и во париското метро (RATP).
Седумте најголеми синдикални унии го поддржаа штрајкот под слоганот „Ден на акција“.
Денес се најавени најмалку 140 масовни собири низ цела Франција, а централниот собир е најавен на Плоштадот „Бастилја“ во Париз.
Вработените во јавниот сектор се незадоволни од предложените реформи на Законот за работни односи и планираното намалување на бројот на вработените, кое го соопшти Владата на почетокот од февруари.
Владата планира до 2022 година да го намали бројот на вработени во јавниот сектор за 120.000, а реформите предвидуваат и намалување на платите при боледување.
Од железницата SNCF е соопштено дека денес сообраќаат само една четвртина од возовите во Франција и 40 отсто од брзите возови.
Досега, откажана е една третина од планираните летови на аеродромите „Шарл де Гол“, „Орли“ и „Боваис“.
SNCF железницата најави нов бран штрајкови кои ќе започнат на 3 април. Тие штрајкови ќе се одржуваат два дена во неделата во наредните три месеци.