Ekip
04 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
КОЛОМБО (АА) - Властите во Шри Ланка се борат со досега најтешката епидемија на денга, тропска заразна болест којашто ја пренесуваат комарците. Од неа годинава починаа 225 лица, а повеќе од 76.000 се заболени, јавува Anadolu Agency (AA).
Вознемирена од големата криза, Владата на Шри Ланка распореди 400 војници и полицајци низ целата земја за да се отстрани отпадот, да се исчисти застоената вода и другите потенцијални живеалишта на комарците.
Здравствените установи отпочнаа со мерките за борба против комарците, со примена на гасни средства на јавните површини.
Бројот на пациентите е зголемен за 38 отсто во споредба со минатата година, кога Министерството за здравство регистрираше 55.150 инфицирани лица. Болеста минатата година усмрти 97 луѓе.
Најголем број случаи на заразени има во околината на главниот град Коломбо, но заразата се прошири низ целата земја.
Треската денга, исто така позната како коскокршечка треска, е заразна тропска болест предизвикана од вирусот денга. Денгата претставува глобален проблем по Втората светска војна.