Lokman İlhan
04 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
БОГОТА (АА) - Триста и дваесет милитанти на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) се пуштени на слобода, во согласност со Законот за амнестија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според вестите на локалните медиуми, Родриго Гранда, еден од лидерите на ФАРК, истакна дека 320 милитанти се пуштени на слобода, во согласност со Законот за амнестија, донесен како резултат на постигнатиот мировен договор меѓу владата и оваа организација.
Гранда посочи дека голем број милитанти на ФАРК чекаат амнестија.
Колумбискиот Уставен суд во март откажа некои точки од регулативата подготвена од страна на Конгресот, со цел да се забрза процесот на амнестија на припадниците на организацијата. Хесус Сантрик, еден од лидерите на ФАРК, започна штрајк со глад бидејќи Законот за амнестија не ги опфатил сите милитанти, и затоа биле одложени законските регулативи. Околу 1.500 милитанти од затвор го поддржаа овој штрајк.
На 27 јуни, ФАРК преку организирана акција го предаде последното оружје на Обединетите нации (ОН). На церемонијата што се одржа во градот Месетес присуствуваа колумбискиот претседател, Хуан Мануел Сантос, шеф на мисијата на ОН во Колумбија, Жан Еро и лидерот на организацијата, Родриго Лондоно.
Во рамките на потпишаниот мировен договор меѓу колумбиската Влада и ФАРК, на 1 март се премина на фазата предавање на оружјето. ФАРК на 17 март, за првпат по 50-годишниот конфликт предаде 140 парчиња оружје на ОН.
Во оваа латиноамериканска држава, која има 48 милиони жители, половина век се водеа судири во коишто загинаа околу 260.000 лица, а повеќе од 6 милиони беа раселени.