Büşra Nur Çakmak
13 Јули 2022•Ажурирај: 14 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Демонстрантите во главниот град на Шри Ланка, Коломбо, денеска упаднаа во Кабинетот на премиерот, барајќи негова оставка во услови на големата економска криза, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ова се случи неколку часа откако претседателот Готабаја Раџапакса ја напушти земјата, зафатена од протести поради економската криза која прерасна во политички хаос.
Премиерот Ранил Викремесинге, кој беше назначен за вршител на должноста претседател, во телевизиско јавно обраќање на војската ѝ нареди „да го врати редот“ и ги повика демонстрантите да соработуваат со властите.

„Не можеме да го раскинеме нашиот Устав. Не можеме да дозволиме фашистите да ја преземат власта. Мораме да ставиме крај на оваа фашистичка закана за демократијата“, рече Викремесинге, објави новинската страница „Тамил Гардијан“.
„Претседателот на Шри Ланка побегна од земјата со воен авион рано утринава“, се вели во неколку извештаи кои цитираа неименувани локални официјални лица.
„Раџапакса, неговата сопруга и телохранителот слетаа на Малдивите“, соопшти „Тамил Гардијан“, цитирајќи официјални претставници на Шри Ланка.
Во услови на масовни протести во екот на влошената економска криза, претседателот на Парламентот на Шри Ланка, Махинда Јапа Абејвардена, во саботата изјави дека претседателот ќе поднесе оставка на 13 јули.

Ова се случи откако илјадници демонстранти упаднаа во Претседателската палата во Коломбо и исто така го запалија домот на премиерот.
Викремесинге, исто така, во саботата се согласи да поднесе оставка по формирањето на целопартиска влада.
Демонстрантите ја обвинија политичката династија на Раџапакса за кризата. Махинда Раџапакса, брат на претседателот, поднесе оставка како премиер во мај.

Осакатена од недостиг на девизи по колапсот на нејзината економија зависна од туризмот, островската држава со 22 милиони жители не го исплати целиот свој надворешен долг.
Невозможноста да се плати за гориво и други потребни работи, резултира со антивладини протести. Недостигот на гориво за работа на електраните, пак, доведе до секојдневни прекини на електричната енергија. Училиштата се затворени, а државните службеници се замолени да работат оддома.
Владата преговара со Меѓународниот монетарен фонд за финансиски пакет за земјата да се извлече од кризата.
