Şenhan Bolelli
17 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
МАДРИД (АА) – Во Шпанија официјално започна дванаесеттата сесија на Законодавниот дом по двата општи изборни циклуси и малцинската Влада формирана по десетмесечниот период на политичка неизвесност, јавува Anadolu Agency (AA).
Шпанскиот крал Фелипе шести, кој беше назначен на местото на неговиот татко Хуан Карлос во јуни 2014 година, за првпат со оваа титула ја отвори сесијата на Законодавниот дом. Во Парламентот тој дојде со неговата сопруга, кралицата Летиција и ќерките, принцеза Леонор и принцеза Софија, а пред самиот Парламент беше организирана воена церемонија во негова чест.
Крал Филипе Шести одржа говор пред пратениците, сенаторите и поканетитте гости, упатувајќи порака за ’дијалог, меѓусебно разбирање и социјално помирување’.
Тој потенцираше дека економската криза во Шпанија изменила многу работи, односно дека, неизвесната политика по изборите на 20. декември 2015 и 26. јуни 2016 во шпанското општество предизвикала загриженост и немир.
Кралот нагласи дека потребно е повторно да се врати престижот на државните институции, достоинството на јавниот живот, како и да се зајакне просперитетот на државата и додаде оти, посакува Шпанија да биде во силно единство, така што ќе им се спротивстави на движењата во меѓународната конјуктура.
И покрај тоа што повеќето пратеници му аплаудираа на кралот, одредени политички партии како Унидос Подемос, изразија акт на протест против монархијата. Партијата Подемос и Здружената левица (ИУ), кои на изборите на 26. јуни влегоа во Парламентот под името Унидос Подемос со 71 пратеник, не му аплаудираа на кралот и не се ракуваа со него по неговиот говор.
Пратеникот на Унидос Подемос, Диего Канамеро, на пленарната седница присуствуваше со маица на која пишуваше: „Јас не гласав за ниту еден крал“, а додека пак сенаторот од Здружената левица, Инаки Бернал за време на говорот на кралот извади републиканско знаме.
Пратениците на Каталонската Републиканска Левица (ЕРЦ), кои поддржуваат независност на Каталонија и пратениците на коалицијата Билду, која бара отцепување на Баскија, не присуствуваа на отворањето на сесијата на Законодавниот дом.