Alma Çekovic
03 Јули 2016•Ажурирај: 04 Јули 2016
БЕНИДОРМ (АА) - Тигар усмрти 37-годишна вработена во зоолошката градина „Тера Натура” во југоисточниот дел на шпанскиот крајбрежен град Бенидорм, откако беше нападната под мистериозни околности, пренесува Anadolu Agency (AA).
По повикот на полицијата и Црвениот крст, амбулантното возило веднаш пристигна на местото на настанот, но од страна на надлежните беше констатирана смрт на жената, додека пак животното беше успиено.
„Телото на 37-годишната жена која работеше на одржување на кафезот е пронајдено покрај тигарот”, изјави портпаролот на Црвениот крст.
Шпанските медиуми објавија дека паркот во времето на нападот бил отворен, но досега никој од посетителите не забележал дека нешто се случува. Полицијата ги истражува околностите на нападот.
Во зоолошката градина „Тера Натура”, кој се промовира како животински парк на „новата генерација”, има околу 200 животински видови и над 1.500 единки.