Furkan Abdula
29 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
СКОПЈЕ
Во Зоолошката градина во Скопје е отворен новиот „Дино парк“, што ќе биде нова туристичка атракција во градот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Град Скопје, на отворањето на „Дино паркот“ биле присутни бројни граѓани, како и високи функционери, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, министерот за здравство, Венко Филипче, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и други.
Во своето обраќање на отворањето, Шилегов нагласи дека Зоолошката градина е една од институциите што се силно поддржувани во последните три и пол години.
„Дино паркот во Градот Скопје е составен од 41 фигура на диносауруси од различни периоди коишто се интерактивни, коишто се движат, коишто пуштаат клици, и од тој аспект гледано, тоа е најголемиот дино-парк на Балканот. Од аспект на тоа дека е посебно ограден, со посебно зеленило, засадивме овде над 300 садници, го прави овој Дино парк најголем зелен дино-парк во Европа“ рече Шилегов.
Тој истакна дека тоа се стандардите за Град Скопје и дека тоа се стандардите што според него чекор по чекор ги ловат.
„Инвестицијата изнесува 350 илјади евра средства од буџетот на Град Скопје, коишто многукратно ќе ни се вратат имајќи го во предвид и комерцијалниот момент којшто овдека во нашиот Дино парк ќе владее“, додаде тој.
Според Шилегов, ова е само почеток на она што рече дека недостасувало долги години во Скопје, а тоа е забава за младите и децата.
Тој информира дека започнала и постапката за изградба и на забавниот парк во Скопје.
„Она што е карактеристично за Дино паркот е дека е прв дигитализиран дино-парк, и Зоолошката е прва дигитализирана институција. Со помош на апликацијата ќе можете да ги видите сите податоци со скенирање на диносаурусите коишто се овдека прикажани. Со што овој парк всушност претставува и на определен начин едукативен центар за нашите најмили, за нашите деца, за нашите млади да научат нешто повеќе од историјата на нашата мила планета Земја. Нека ни е со среќа. Скопје чекор по чекор граби кон светските стандарди. Затоа што Скопје е светски град, Скопје е центар на светот“, рече Шилегов.