Шпанија презема чекори за регулирање на статусот на 500.000 нерегистрирани мигранти
- Кабинетот даде зелено светло за изготвување на кралски декрет со кој ќе им се овозможи на мигрантите, кои пристигнале во Шпанија пред 31 декември 2025 година
ОВИЕДО (АА) – Владата на Шпанија денес го одобри започнувањето на процесот за регулирање на статусот на нерегистрираните мигранти што веќе живеат во земјата. Се очекува од овој потег да имаат придобивка половина милион лица, јавува Анадолу.
Нарекувајќи го „историски ден“, Елма Саиз, министерка за инклузивност, социјално осигурување и миграција на Шпанија, изјави дека Владата го зајакнува „моделот на миграција заснован врз човекови права, усогласен со економскиот развој“.
Кабинетот даде зелено светло за изготвување на кралски декрет со кој ќе им се овозможи на мигрантите, кои пристигнале во Шпанија пред 31 декември 2025 година и можат да докажат најмалку пет месеци постојан престој, да остварат легален статус доколку немаат криминално досие, додаде министерката.
Со реформите на регулативите за миграција во Шпанија, мигрантите ќе остварат право на работа од првиот ден од одобрувањето на барањето, изјави Саиз. Секој барател на азил што ја поднел својата пријава пред крајот на годината, е исто така подобен.
Се очекува аплицирањето да започне на почетокот на април и да трае до јуни, додаде Саиз. Мерката е во согласност со левичарската партија Подемос.
Придобивки од регулативата би имале од 500.000 до 800.000 лица, изјави Ионе Белара, лидерка на Подемос.
„Ова се луѓе што веќе живеат тука, но работат нелегално”, изјави таа во видеото објавено на социјалните мрежи, поздравувајќи го овој потег како еден од најголемите напредоци за правата на работниците изминативе години.
Одлуката на Мадрид доаѓа во време кога сѐ поголем број земји од Европа воведуваат рестриктивни мерки за нерегуларни мигранти.
Шпанија е земја што бележи најбрз економски раст во еврозоната во последните две години. Според економските податоци објавени денес, стапката на невработеност во Шпанија за првпат во последните 17 години бележи пад под 10%.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
