Франција со реакција откако Руте изјави дека Европа не може да се одбрани без САД
- „Не, драг Марк Руте. Европејците можат и мора да преземат сопствената безбедност во свои раце”
ЛОНДОН (АА) – Европејците можат и „мора да преземат” одговорност за сопствената безбедност, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, доцна синоќа како одговор на изјавите на челникот на НАТО дека Европа не може да се одбрани без Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Анадолу.
„Не, драг Марк Руте. Европејците можат и мора да преземат сопствената безбедност во свои раце”, објави министерот Баро на американската компанија за социјални мрежи Х.
„Дури и САД се согласуваат. Тоа е европскиот столб на НАТО”, додаде Баро.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Европа не може да се брани без поддршка од САД.
„Доколку некој тука сѐ уште мисли, повторно, дека Европската Унија или Европа како целина може да се одбрани без поддршка од САД, продолжете да сонувате. Вие не можете. Ние не можеме. Потребни сме едни на други”, изјави Руте во обраќањето пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент и Комитетот за безбедност и одбрана во Брисел вчера.
Ќе има „големо дуплирање“, изјави Руте, осврнувајќи се на идејата за европски одбранбени сили. „Ви посакувам среќа доколку сакате да го направите тоа.”
„Треба да најдете мажи и жени во униформи, покрај сѐ што веќе се случува, само ќе ги направиме работите покомплицирани.”
САД, под водство на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, повеќепати ги повикуваа европските сојузници да преземат многу поголема одговорност за сопствената одбрана.
Поранешниот премиер на Холандија, Марк Руте, сѐ повеќе е познат како „Трампов дошепнувач”. Тој беше полн пофалби за Трамп дури и кога другите му се спротивставуваа.
Тој го спречи најновиот судир помеѓу САД и Европа по средбата со американскиот претседател, кој се согласи за соодветна „рамка” за иден договор со Гренланд, повлекувајќи се од заканите за воведување царини за европските земји што се спротивставија на преземањето на данската територија.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
