Şenhan Bolelli
30 Април 2020•Ажурирај: 30 Април 2020
МАДРИД
Во последните 24 часа во Шпанија од последици предизвикани од заразеност со новиот тип коронавирус (Ковид-19), животот го загубија 268 лица, со што вкупната бројка на починати изнесува 24.543, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шпанското Министерство за здравство ги објави најновите ажурирани податоци во врска со Ковид-19.
Според овие податоци, во Шпанија има пад на смртните случаи на дневно ниво бидејќи во последните 24 часа од последици предизвикани од новиот тип коронавирус животот го загубија 268 лица, што е големо намалување во однос на вчера кога починаа 325 заразени. Ова е најниска смртност од 19 март досега, кога бројот на смртни случаи на дневно ниво изнесуваше 228.
Со последните смртни случаи, во Шпанија досега од Ковид-19 починаа 24.543 лица.
Во последното деноноќие се детектирани уште 816 лица позитивни на тестот на Ковид-19, со што вкупниот број на лица позитивни на тестот на новиот тип коронавирус изнесува 213.435.
Во исто време бројот на новодетектирани лица заразени со Ковид-19 е на најниско ниво од 14 март досега.
За последните 24 часа 3.103 пациенти се излекувани, а вкупниот број на лица излекувани од Ковид-19 изнесува 112.050.
Автономната област Мадрид е област во Шпанија најпогодена од пандемијата на новиот тип коронавирус со 8.176 смртни случаи и 61.171 лице позитивно на тестот на Ковид-19.
Во меѓувреме, Владата на Шпанија која од 2 мај дозволи индивидуално излегување на улица со цел спортување или прошетка, го предупреди населението да одржува физичко растојание, да носи маски, да се оддалечува од својот дом најмногу до 1 километар и на улица да не останува подолго од 1 час, со цел да се спречи евентуалната гужва.
Во рамките на преземените мерки против Ковид-19, се предвидува дека вонредната состојба која во Шпанија е на сила до 9 мај, ќе биде продолжена до 24 мај.
Шпанија, почнувајќи од 4 мај, го започнува процесот на постепено нормализирање.