Ekip
18 Април 2022•Ажурирај: 19 Април 2022
ОВИЕДО (АА) – Шпанскиот премиер Педро Санчез соопшти дека Шпанија во наредните денови повторно ќе ја отвори својата амбасада во украинскиот главен град Киев, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Повторно ја отвораме Амбасадата како покажување на посветеноста на Шпанија кон украинскиот народ“, рече Санчез во интервју за шпанската телевизија „Антена 3“.
Амбасадата беше целосно евакуирана на 25 февруари, по еден ден откако Русија почна да ја напаѓа Украина.
Во тоа време, министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес рече дека шпанскиот амбасадор во Украина ќе се врати во Амбасадата веднаш штом ќе биде безбедно да го стори тоа.
Санчез рече дека она што се случува во Украина не е „војна меѓу Русија и Украина“.
„Тоа е војна што ја води Путин за сè што претставува Европската Унија: демократија, слобода и модел на просперитет заснован на социјална правда“, нагласи тој.
Санчез, исто така, призна дека војната има „очигледна“ економска штета за Шпанија и дека земјата наскоро ќе ги намали прогнозите за раст.
„Но, ако не направивме ништо и ако му дозволевме на Путин само да ја преземе Украина, цената ќе беше уште поголема“, додаде тој.
Најмалку 1.982 цивили се убиени и 2.651 повредени во Украина од почетокот на војната на 24 февруари, според проценките на ОН, а се верува дека вистинската бројка е многу поголема.
Повеќе од 4,8 милиони Украинци побегнаа во други земји, со над 7 милиони внатрешно раселени, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.