Ayhan Şimşek
02 Март 2023•Ажурирај: 03 Март 2023
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го обвини рускиот претседател Владимир Путин за империјалистички амбиции и рече дека не покажува знаци дека ќе го промени курсот во Украина, односно дека е подготвен за мир, пренесува Анадолу.
„Дали Путин воопшто е подготвен да ги почитува меѓународните принципи и да преговара за праведен мир? Во моментов нема знаци дека тоа се случува. Наместо тоа, Путин ни се заканува со различни потези, како на пример изјавата дека го суспендира нуклеарниот договор „Њу СТАРТ“ со Соединетите Американски Држави“, рече Шолц во Парламентот.
Тој ги отфрли критиките дека неговата Влада ги поттикнува тензиите со тоа што доставува тешко оружје за Украина и дека не презема никаква дипломатска иницијатива за мир со Русија.
„Целите на Путин се јасни. Тој сака да анектира делови од Украина и сака да ја уништи нацијата“, нагласи Шолц.
Тој додаде: „Мирот не значи угнетување од моќта на поголем сосед. Доколку Украина не се бранеше, немаше да има мир. Тоа ќе беше крајот на Украина.“
Како што нагласи, Берлин ќе продолжи да испраќа оружје во Украина за да можат Украинците да го бранат својот суверенитет и територијален интегритет.
Тој рече и дека на Украинците им останува да одлучат за условите за евентуален крај на војната.
„Диктиран мир против волјата на жртвите е нешто што не можеме да го прифатиме не само од морални причини, туку и ако сакаме да ја осигураме безбедноста на нашата сопствена земја и на Европа. Каков ужасен сигнал би испратиле ако наградиме некој што го прекршува меѓународното право и европскиот мировен поредок. За праведен и одржлив мир мора да се погрижиме меѓународното право да се почитува“, рече Шолц.