Ekip
03 Мај 2022•Ажурирај: 04 Мај 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар, Олаф Шолц, денес изјави дека неговата земја ќе ги поддржи Шведска и Финска доколку двете земји одлучат да влезат во НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Многу внимателно ја следиме дебатата во двете земји за можното пристапување во нашиот одбранбен сојуз, НАТО“, рече Шолц во изјавата за печатот за време на неговиот состанок со финската премиерка Сана Марин и нејзината шведска колешка Магдалена Андерсон во замокот Мезеберг лоциран во близина на Берлин.
„Сепак, многу ни е јасно дека доколку овие две земји решат дека сакаат да припаѓаат на НАТО-алијансата, можат да сметаат на нашата поддршка“, додаде канцеларот.
Тој нагласи дека сите членови на германската Влада се согласуваат за ова прашање за време на нивните разговори со финскиот и шведскиот лидер во замокот Мезеберг, велејќи дека ова е „важен знак“.
Шведска и Финска ги забрзаа напорите да се приклучат на западната воена алијанса по руската војна во Украина.
Двете земји се очекува да донесат одлука за членство во НАТО подоцна овој месец.
Во меѓувреме, односите на Хелсинки и Стокхолм со Москва продолжуваат да се влошуваат околу прашањето за НАТО. Финска и Шведска треба да ги поддржат дополнителните чекори на Европската Унија за воведување построги трговски и други санкции кон Русија.