Mahmoud Mohamed Barakat
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
ГАЗА
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, повика на формирање Влада на национално единство за да се стави крај на палестинските поделби, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за официјалната палестинска телевизија, Ханије изјави дека Владата на единство во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа може да преземе три задачи кои можат да бидат премин за ставање крај на палестинскиот судир.
Ханије објасни дека задачите на Владата ќе бидат „обединување на институциите на палестинската власт на Западниот Брег и Газа и подготовка за одржување законодавни и претседателски избори и избори на Националниот совет, кој дејствува како парламент на Палестинската ослободителна организација.
Ханије додаде дека третата задача на Владата на единство ќе биде поврзана со ставање крај на израелската блокада воспоставена на Појасот Газа и спротивставување на окупацијата и нејзините планови во окупираниот Западен Брег.
„Мислам дека е лесно да се формира Влада на единство затоа што имаме многу договори во кои се зборува за ова прашање“, додаде Ханије.
Шефот на Хамас посочи дека Комитетот за изнаоѓање начин да се стави крај на раздорот бил формиран по состанокот на лидерите на палестинските фракции, што се одржа истовремено во Рамала и Бејрут во четвртокот.
Западниот Брег и Појасот Газа останаа политички и административно поделени од 2007 година, кога Хамас ја презеде контролата врз Појасот од Фатах по неколкудневните улични борби.