Burç Eruygur
28 Март 2024•Ажурирај: 28 Март 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Шефот на руското разузнавање, Сергеј Наришкин, при посетата на Северна Кореја на почетокот од неделава разговарал за продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји, соопшти денес Москва, пренесува Анадолу.
Во соопштението на прес-бирото на Руската служба за надворешно разузнавање се вели дека Наришкин одржал „детални разговори“ со севернокорејскиот министер за државна безбедност Ри Чанг-дае за време на неговата посета од 25 до 27 март.
„Се разговараше за актуелни прашања за развојот на меѓународната ситуација, осигурувањето на регионалната безбедност и продлабочувањето на интеракцијата на Русија и Северна Кореја во услови на обиди за зголемување на притисокот од надворешни сили“, истакнаа од разузнавачката служба.
Државната Корејска централна новинска агенција, пак, објави дека двете страни постигнале „целосен консензус на ставовите“ за прашањата дискутирани за време на средбата што се одржала во „другарска и пријателска атмосфера“.
Односите Москва - Пјонгјанг се унапредија по официјалната посета на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на Русија во септември минатата година, кога тој оствари средба со претседателот Владимир Путин.