Шефот на Пентагон: „Иран не може да нѐ надвладее“
- „Следуваат нови и поголеми бранови. Ние штотуку започнавме. Забрзуваме, не забавуваме“, рече Хегсет
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет денес изјави дека Иран не може да ги надвладее, сигнализирајќи проширување на воената кампања на САД по координираните напади со Израел од саботата наваму, јавува Анадолу.
„Стојам пред вас денес со една недвосмислена порака за операцијата и безбедносните напори. Америка победува решително, разорно и без милост, под директна команда на претседателот Доналд Трамп“, изјави Хегсет на прес-конференција заедно со претседателот на Здружениот штаб, генерал Ден Кејн.
Тој ги даде неговите изјави откако САД и Израел на 28 февруари започнаа напади врз Иран, при што беа убиени врховниот лидер Али Хаменеи и други високи официјални претставници.
„Следуваат нови и поголеми бранови. Ние штотуку започнавме. Забрзуваме, не забавуваме“, рече Хегсет.
Генералот Кејн изјави дека САД погодиле повеќе од 2.000 цели и уништиле над 20 ирански поморски пловила, вклучително и една подморница.
„Сега ќе започнеме да се прошируваме кон внатрешноста, напаѓајќи сѐ подлабоко на иранска територија и создавајќи дополнителна слобода за маневрирање на американските сили“, додаде Кејн.
