свет

Шефот на норвешката дипломатија побара итен прекин на огнот во Газа

Министерот Еспен Барт Еиде истакна дека израелската употреба на воена сила има несразмерно влијание на цивилното население во Газа

Dilara Karataş  | 21.03.2024 - Обновена : 23.03.2024
Шефот на норвешката дипломатија побара итен прекин на огнот во Газа

ОСЛО (АА) - Министерот за надворешни работи на Норвешка, Еспен Барт Еиде, повика на итен прекин на огнот во Појасот Газа, јавува Анадолу.

Министерот Еспен Барт Еиде истакна дека израелската употреба на воена сила има несразмерно влијание на цивилното население во Газа, напоменувајќи дека ова не е во согласност со меѓународното хуманитарно право.

Тој нагласи дека треба да се прогласи итен прекин на огнот за да може во Газа да се испрати многу повеќе хуманитарна помош.

Еиде ја опиша ситуацијата во Газа како „катастрофа којашто ја предизвикал човечки фактор“.

Норвешка на 8 февруари објави дека испратила 23,8 милиони евра помош на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), агенција за која некои земји одлучија привремено да ја запрат финансиската поддршка.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Во овие напади досега се убиени повеќе од 31.923 Палестинци, главно деца и жени, а над 74.096 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни средства за опстанок.

По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, а постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.