Ekipa
15 Јули 2019•Ажурирај: 16 Јули 2019
ЛОНДОН (АА) - Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џереми Хант, предупреди дека пропаста на иранскиот нуклеарен договор би можела да предизвика егзистенцијални закани по целиот Блиски Исток, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на Советот на ЕУ за надворешна политика, шефот на британската дипломатија, Хант, истакна дека и понатаму постои шанса за спасување на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма.
Тој, исто така, предупреди дека иранското враќање на планот за развој на нуклеарно оружје би довело до многу опасна ситуација.
„Иран и понатаму е далеку од развој на нуклеарно оружје. Мислам дека постои мал прозорец за спас на договорот“, изјави Хант и додаде дека Велика Британија, Германија и Франција како копотписнички ќе сторат сè да го спасат иранскиот договор и да го задржат Иран на страната на оние што ја почитуваат неговата содржина.
Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран, САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, а САД во 2017 година се повлекоа од договорот и ги обновија санкциите кон Иран.
Иранските власти минатата недела соопштија дека нема да ги почитуваат обврските преземени со договорот, односно дека ќе продолжи проектот за збогатување на ураниумот и над границите кои се договорени со договорот.