Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Калас: ЕУ се подготвува да го усвои 19. пакет санкции против Русија
Министрите за надворешни работи на Европската Унија се собраа во Луксембург за да разговараат за нова рунда санкции против Русија, ситуацијата во Газа...

ИСТАНБУЛ (АА) - Шефицата за надворешна политика на Европкста Унија (ЕУ), Каја Калас, денес изјави дека министрите првенствено ќе се фокусираат на Украина, додека блокот се подготвува да го усвои својот 19-ти пакет санкции против Русија подоцна оваа недела, јавува Анадолу.
Министрите за надворешни работи на Европската Унија се собраа во Луксембург за да разговараат за нова рунда санкции против Русија, ситуацијата во Газа и растечките глобални ризици во синџирот на снабдување во услови на зголемени геополитички тензии.
„Очекуваме оваа недела да го усвоиме и 19-тиот пакет санкции. За жал, не денес, но имаме состанок на лидерите в четврток“, рече Калас, зборувајќи со новинарите пред Советот за надворешни работи.
Калас нагласи дека Русија „разбира само сила“ и не покажува вистински интерес за мир и покрај неодамнешните дипломатски напори на американскиот претседател Доналд Трамп, за кого се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта за две недели.
„Секако, сите напори за мир се добредојдени, но не гледаме дека Русија навистина сака мир. Мојата желба би била претседателот Зеленски да се сретне со Путин, бидејќи всушност тие треба да се согласат за ова“, додаде таа.
Таа рече дека министрите на ЕУ, исто така, работат на заострување на спроведувањето на мерките против таканаречената „флота во сенка“ на Русија, мрежа од бродови за кои се тврди дека ѝ помагаат на Москва да ги заобиколи западните ограничувања за извоз на нафта.
„Разговараме со земјите членки како подобро да ги координираме нашите активности во врска со флотата во сенка. Треба да бидеме покреативни бидејќи и тие се креативни во заобиколувањето на овие мерки“, рече таа.
- Мировни напори во Газа и Блискиот Исток -
Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Калас рече дека министрите ќе ги проценат следните чекори по договорот за прекин на огнот постигнат претходно овој месец меѓу Израел и Хамас.
„Прекинот на огнот е првиот стрес-тест. Тоа е добра прва фаза, но секако треба да работиме на тоа што повеќе може да се направи за да се постигне одржлив мир“, рече таа, додавајќи дека ЕУ мора да помогне да се обезбеди хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.
Блокот разгледува можни санкции против одредени израелски претставници и пошироки трговски мерки како одговор на конфликтот, иако Калас сигнализираше дека ситуацијата еволуирала од најновите случувања.
„Секако, ситуацијата се промени, имајќи ги предвид случувањата од минатата недела. Денес ќе разговараме со министрите за надворешни работи за овие мерки што се на маса“, рече таа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.