Tuba Onğun
06 Декември 2021•Ажурирај: 10 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Шеста последователна година на раст, продажбата на оружје од страна на 100-те најголеми светски производители во 2020 година достигна 531 милијарда долари, во која Соединетите Американски Држави (САД) учествуваат со 54 отсто, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Продажбата на оружје и воени услуги од 100-те најголеми компании во одбранбената индустрија се зголемила за 1,3 отсто во споредба со претходната година, се наведува во извештајот на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).
Во САД се лоцирани најголемиот број компании рангирани во првите 100 производители. Продажбата на оружје на 41 американска компанија достигна вкупно 285 милијарди долари, што е пораст од 1,9 отсто во споредба со претходната година.
„Од 2018 година, првите пет компании на ранг листата се со седиште во САД“, се нагласува во извештајот.
Сочинувајќи 13 отсто од вкупната продажба, кинеските компании рангирани во првите 100 на листата ја зголемија продажбата на оружје за 1,5 отсто, на 66,8 милијарди долари во истиот период.
Британските компании го сочинуваат третиот најголем удел во минатогодишната остварена продажба со реализирани 37,5 милијарди долари, што е за 6,2 отсто повеќе во споредба со 2019 година.
Продажбата на оружје на руските компании е намалена за 6,5 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 26,4 милијарди долари минатата година.
„Ова покажува продолжување на трендот на намалување регистриран од 2017 година, кога продажбата на оружје на руските компании, кои се меѓу првите 100 најголеми производители, го достигна врвот“, се наведува во извештајот.
Од друга страна, Аселсан беше единствената турска компанија од одбранбената индустрија, рангирана на 51. место од првите 100 компании, со реализирана продажба на оружје во вредност од 2,2 милијарди долари во 2020 година, што претставува пораст од 12 отсто во споредба со претходната година.