Laura Gamba Fadul
20 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
БОГОТА
Парламентарните и претседателските избори во Чиле ќе се одржат утре и тоа во екот на поделбата на политичка левица и десница, каква што земјата на Латинска Америка не доживеала во своето минато, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изборите се одржуваат во турбулентен момент кога Сенатот го одложи судењето за отповикување на претседателот и конзервативен милијардер Себастијан Пињера поради обвинувањата за вмешаност во контроверзната продажба на рударска компанија преку фирмата во сопствеништво на неговите деца.
Околу 15 милиони жители на Чиле имаат право на глас на изброите на кои се бира нов претседател, нов состав на Претставничкиот дом и половина од составот на Сенатот на таа земја.
Главните актери на изборната трка се десничарот Хосе Антонио Каст и левичарот Габриел Бориќ, а сигурно е дека тие двајца ќе ги одмерат силите и во вториот круг на изборите, што е најавен за 19 декември.
Бориќ има 35 години и е поранешен лидер на студентите во Чиле, а бил и еден од водачите на протестите од 2019 година, кога жителите на Чиле излегоа на улиците и побараа подобра здравствена заштита, поквалитетно образование и економска еднаквост. Протестите резултираа со започнување на процесот на уставната реформа и веќе избраното уставотворно тело.
Меѓутоа, анкетите сепак укажуваат дека блага предност меѓу избирачите има 55-годишниот адвокат Каст, кој во минатото искажуваше симпатии кон диктатурата на Аугусто Пиноче, користеше антимигрантска реторика и јавно се противеше на абортусот.
„Имаме два модела на општества во понуда. Општеството на слобода и правда што ние го претставуваме и општеството на Комунистичката партија и Габриел Бориќ кое не го сакаме и кое би нè однело во хаос, глад и насилство“, порача Каст на централниот предизборен собир во богатиот кварт во Сантијаго.
Политичките противници на Бориќ најчесто го обвинуваат дека е комунист, додека Каст го обвинуваат дека го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп и сегашниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.
„Многу е важно да се менуваме за да напредуваме во трансформациите за кои се бориме, а тоа е изградба на држава која гарантира права, која гарантира достоинство и еднаквост и тоа е единствениот начин да имаме стабилност, бидејќи нема раст во земја која е социјално скршена“, рече Бориќ на собирот во Казабланка.