Amina Zorniç
03 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
САНТИЈАГО (АА) - Најмалку 100 куќи изгореа во голем пожар што изби во крајбрежниот град Валпараисо, во северозападниот дел на Чиле, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за вториот по големина град во Чиле, оддалечен околу 100 километри од престолнината Сантијаго.
На гаснењето на огнот работат околу 50 противпожарни единици од Валпараисо и од околните градови, а пак полицијата ја истражува причината за пожарот што избувна во еден клуб за риболов.
Пожарот во потполност уништи 100 куќи, а властите евакуираа 400 жители.
Министерот за внатрешни работи на Чиле, Махмуд Алеу потврди дека во пожарот досега нема човечки жртви, но се повредени 19 лица.
Речиси 40.000 домаќинства поради пожарот се без напојување со електрична енергија.
Валпараисо е град со 500.000 жители, сместен на стрмните ридови со борови шуми, каде што има голем број лесно запаливи дрвени живеалишта.
Инаку, Чиле минатата година беше погодено од голема суша, особено во средишните делови на земјата, и избувнаа големи пожари.