Ekipa
03 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
БАГДАД (АА) - Денес Обединетите нации (ОН) соопштија дека во судирите во Ирак, во текот на 2016 година загинаа најмалку 6.878 цивили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мисијата на ОН за помош на Ирак (UNAMI) соопшти дека оваа бројка мора да се сфати како апсолутен минимум, со оглед на тоа што не биле во можност да го потврдат бројот на жртвите меѓу цивилите во конфликтните подрачја, но и на оние што загинале како последица од секундарните ефекти на насилство, недостаток на вода, храна, лекови и здравствена нега.
Како што се наведува во соопштението, во минатата година биле повредени најмалку 12.388 цивили, и се додава дека во тие податоци не се вклучени цивилните жртви во мај, јули, август и декември во западната покаина Анбар.
Според податоците на мисијата на ОН, во Ирак во 2015 година загинале 7.515 цивили.
Само во декември минатата година загинале 386 цивили, а 1.066 се повредени. Најпогодено подрачје е северната покраина Нинива, каде што владините сили водат борби за ослободување на Мосул од борците на терористичката организација ДЕАШ. Само во оваа област во декември 2016 загинале 208 цивили, а 511 се повредени.
Следува главниот град Багдад, каде што кон крајот на минатата година загинале 109 цивили, а повеќе од 500 се повредени.
ДЕАШ ја презеде одговорноста за серијата бомбашки напади во Багдад, во кои само минатата недела загинале над 50 лица.
Најсмртоносниот инцидент се случи во јули, кога во самоубиствен напад на пазарот загинаа околу 300 лица.
„Ова, без сомнеж, е обид на ДЕАШ да одвлече го вниманието од поразот во Мосул, и за жал, невините цивили се оние што ја плаќаат цената“, изјави во соопштението Јан Кубис, специјален претставник на генералниот секретар на ОН во Ирак.
Ирачката војска на 17 октомври минатата година започна акција за ослободување на Мосул, кој повеќе од две години е под контрола на ДЕАШ. Коалицијата под водство на САД дава воздушна поддршка на акцијата.