Aşkın Kıyağan
04 Септември 2022•Ажурирај: 06 Септември 2022
ПРАГА (АА) - Околу 70.000 луѓе протестираа во чешкиот главен град Прага поради зголемените сметки за електрична енергија и политиката на Владата во однос на руско-украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите се собраа на плоштадот Вацлавски под слоганот „ Република Чешка на прво место“ и побараа оставка од актуелната влада предводена од премиерот од редовите на конзервативците, Петр Фиала.
Тие побараа прекин на санкциите на Европската Унија (ЕУ), кои ги гледаат како причина за влошената економска ситуација, тврдејќи дека Чешка треба да биде неутрална.
Фиала го окарактеризира протестот како „проруски“, нагласувајќи дека истиот е против националните интереси. Тој рече дека некои во Чешка се под влијание на руската пропаганда и кампањите за дезинформации.
Чешката Влада ја поддржува Украина од почетокот на војната со муниција и логистика. Во Чешка престојуваат и над 400.000 украински бегалци.
Чешката Република го презеде мандатот претседавач со Европската Унија во јули на шест месеци.
САД и ЕУ воведоа обемни санкции кон Русија со цел да ја притиснат да стави крај на војната во Украина, која влезе во седмиот месец.