Ekipa
04 Април 2019•Ажурирај: 07 Април 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денеска изрази длабока загриженост во врска со военото мобилизирање во Либија и потенцијалот за нови судири во северноафриканската земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Длабоко сум загрижен за движењата на воен план во Либија, и ризикот од судири“, напиша Гутереш денеска на социјалната мрежа Твитер.
„Не постои воено решение“, изјави тој во однос на актуелната политичка криза во Либија. „Само дијалогот во рамките на Либија може да ги реши либиските проблеми.“
Во своето обраќање во либискиот главен град Триполи, каде што пристигна вчера, Гутереш ги повика ривалските политички табори во Либија да спроведат мир и воздржаност.
Во претходна објава на Твитер челникот на ОН ја нагласи својата посветеност во поддршката на политичкиот процес предводен од Либија кој води до мир, стабилност, демократија и просперитет за либискиот народ.
Претседателскиот совет на Либија поддржан од ОН синоќа беше во состојба на готовност, откако силите лојални на воениот командант Калифа Хафтар, кој е поврзан со ривалската Влада со седиште во источниот град Ал Бајда, започнале да напредуваат на запад кон Триполи.
Претседателот на Претседателскиот совет, Фајез ал Сарај, соопшти дека на владните безбедносни сили им било кажано да се подготват за можен напад од исток.
Хафтар вчера, според наводите, им наредил на своите сили да се распоредат во западните делови на земјата, со цел прочистување на регионот од терористички групи и упоришта.
Овој потег ги поттикна шпекулациите дека силите на Хафтар планираат да тргнат кон Триполи, каде што е седиштето на Владата на национално единство.
Либија е средиште на длабока политичка криза уште од 2011 година кога беше убиен дотогашниот лидер Муамер Гадафи. Оттогаш на власт се паралалените влади со седиште во Триполи и Тобрук, кои имаат посебни парламенти и вооружени сили.
Оттогаш, силните политички поделби во земјата создадоа две ривалски места на моќ: едно во источниот град Ал Бајда, со кое е поврзан Хафтар, а друго во Триполи.
На 14 април во западниот либиски град Гадамес ќе се одржи конференција за национален дијалог под покровителство на ОН, со цел да се подготви план за иднината на земјата.