Adham Kako,Muhammed Yusuf
21 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - МУХАМЕД ЈУСУФ/АДАМ КАКО -
Шефот на сириската цивилна одбрана во Идлиб, „Бели шлемови“, Раид Салих, изјави дека режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, се обидува да го испразни и да го заземе Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Салих во разговор со новинарот на АА изјави дека режимските сили на Асад и нивните руски и проирански сојузници со постојани напади го кршат договореното примирје во деескалациската зона во Идлиб.
„Изгледа дека примирјето во Идлиб е пропаднато. За време на примирјето беше релативно добро, раселените можеа да се вратат во своите домови, но режимот на Асад и Русија ниту овој пат не го испочитуваа примирјето“, изјави Салих.
Тој рече дека голем број цивили настрадале во режимските напади врз населените места.
„Режимот се обидува да го испразни и заземе Идлиб. Никој не го слуша крикот на настраданите во дождот од авиобомби“, изјави Салих.
Истакнувајќи дека режимските сили истерале 350.000 цивили од регионот Марет ал Нуман во јужниот дел на Идлиб, Салих рече дека претходно на сличен начин се истерани и цивилите од другите региони, вклучувајќи ги Хан Шејкун и северната периферија на Хама.
„Во случај режимските напади во Идлиб да продолжат, неизбежна е голема хуманитарна катастрофа. Населението од тој регион е безнадежно. Тие луѓе повеќе не сонуваат за враќање во нивните домови. Сè помала е хуманитарната помош. Никој не знае што ќе биде со тој регион во иднина“, изјави Салих.
Како челник на организацијата „Бели шлемови“ во која се активистите што му помагаат на населението во Идлиб, Салих ја повика меѓународната заедница да обезбеди итна хуманитарна помош за стотици илјади раселени во тој регион во северозападниот дел на Сирија.
Нагласувајќи дека „Белите шлемови“ претежно ги сочинуваат волонтери, Салих изјави дека и тие се цел на режимските напади.
„Во Сирија не постои механизам за заштита на волонтерите. Секаде во светот постои заштита на амбулантни возила и слични служби, но во Идлиб тоа не постои и ние мораме да ги камуфлираме амбулантните возила, а болници опремуваме во засолништата под планините“, изјави Салих.
Тој, исто така, изјави дека цел на цивилната заштита „Бели шлемови“ не е само заштита и спасување на цивилите, дека волонтерите се први сведоци на злосторствата и токму поради тоа се и цел на прорежимските и проруските медиуми кои сакаат да им ја загрозат релевантноста.
Пред почетокот на сириската војна, во Идлиб живееја 2 милиони луѓе, а од почетокот на војната, поради жестоките судири бројот на жителите е преполовен. Во март 2015 година, сириските опозициски сили го зазедоа Идлиб и оттогаш овој регион е средиште на сириската опозиција.
Идлиб така стана засолниште на прогонуваните, а моментално во овој сириски регион живеат 4 милиони луѓе кои се цел на постојаните режимски напади и нападите на руските сили, кои се вклучија во војната во октомври 2015 година.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, во текот на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за зона на деескалација. Во Сочи во 2018 година постигнат е дополнителен договор за примирје во Идлиб и за воспоставување зона на деескалација.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не ги стопираа артилериските и воздушните напади во тој регион.
Од потпишувањето на тој договор, во нападите на силите на Асад и неговите сојузници во Идлиб во изминатата година се раселени над 1,3 милион луѓе. Во нападите се убиени најмалку 1.600 цивили.