Islam Uddin
13 Јануари 2021•Ажурирај: 14 Јануари 2021
ИСЛАМАБАД
Властите на Република Турција и Пакистан постигнаа договор за додатно интензивирање на билатералната соработка и спроведување на заедничка стратегија на меѓународно ниво кога се во прашање темите од заеднички интерес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Таквиот договор е постигнат денеска на состанокот на шефот на пакистанската дипломатија, Шах Махмуд Курејши, со турскиот колега Мевлут Чавушоглу кој престојува во тридневна официјална посета на Исламабад.
Курејши и Чавушоглу ги поздравија актуелните добри билатерални односи меѓу Пакистан и Турција.
Пакистанскиот министер за надворешни работи ѝ се заблагодари на Турција за поддршката која ја пружа кога е во прашање заштитата на човекови права во Џаму и Кашмир, регионот кој го окупира Индија.
Курејши исто така на Чавушоглу му кажа дека Пакистан продолжува да дава придонес во процесот на воспоставување мир во Авганистан кој е средиште на судирите веќе 19 години.
Чавушоглу и Курејши изразија загриженост поради растечката исламофобија во светот и повикаа на создавање заедничка стратегија за заштита на исламот и неговите вредности.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, за време на посетата на Исламабад ќе присуствува и на вториот трилателарен состанок со шефовите за дипломатија на Пакистан и Азербејџан, а денеска во Пакистан допатува и азербејџанскиот министер Џејхун Бајрамов.
Првиот таков трилатерален состанок е одржан во 2017 година во Баку, а Бајрамов е прв шеф на азербејџанската дипломатија кој го посетува Пакистан по подолго од деценија.
Пакистанскиот претседател Ариф Алви го прими турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, и во Исламабад го одликуваше со државен орден на Пакистан.
И премиерот на Пакистан, Имран Кан, денеска го прими Чавушоглу, а на тој состанок се зборуваше и за низа билатерални, регионални и глобални теми.