Zuhal Demirci,Cüneyt Karadağ
15 Февруари 2020•Ажурирај: 15 Февруари 2020
МИНХЕН/АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека турската делегација во понеделник ќе патува во Москва во врска со прашањето за Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу се сретна со неговиот германски колега, Хајко Мас, во Минхен, каде што се наоѓа за да учествува на 56. Минхенска конференција за безбедност.
Шефот на турската дипломатија информираше дека на средбата со Мас разговарале и за прашањето за Идлиб.
Тој нагласи дека режимот верува во воено наместо во политичко решение во Идлиб, и дека во последно време режимот ја зголемил својата агресија.
Чавушоглу рече дека Турција заедно со Русија вложуваат напор за спречување на оваа агресија.
„Нашата делегација во понеделник ќе патува во Москва, а претходно руската делегација беше во Анкара. Ќе ги продолжиме нашите средби“, додаде тој.
Турскиот министер истакна дека треба да се вложи заеднички напор со цел осигурување на примирјето.
Тој рече дека очекуваат повидлива поддршка од Европската Унија (ЕУ) и од европските земји.
„Ако не можеме да го спречиме тоа, ќе се случи голема хуманитарна трагедија“, нагласи Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија истакна дека со поддршка на Германија изградиле монтажни куќи за лицата што се наоѓаат на границата со Турција, и дека тоа е привремено решение.
Чавушоглу нагласи дека тука главната важна работа е осигурување на примирјето.
„На средбите што ги направивме и ќе ги направиме со Русија, сакаме да го постигнеме тоа преку дипломатски пат, но ако тоа не е можно, веќе нашиот претседател (Реџеп Таип Ердоган) истакна дека ќе ги преземеме потребните мерки. Бидејќи режимот не ги има како цел само невините лица. Ги има како цел и нашите војници на набљудувачките точки на терен. Не е можно ние да го толерираме тоа“, додаде шефот на турската дипломатија.