Sorwar Alam
04 Јуни 2018•Ажурирај: 04 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека очекува почеток на имплементацијата на планот за повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од сириски Мунбич, по денешниот состанок со американскиот државен секретар Мајк Помпео, јавува Anadolu Agency (AA).
„Како министри ќе го одобриме планот за решавање на случајот Мунбич, што ќе претставува пресвртница за зајакнувањето на турско-американските билатерални односи“, истакна синоќа Чавушоглу по пристигнувањето во официјална посета на Вашингтон.
Чавушоглу денес ќе се состане со својот американски колега Помпео со кој ќе разговара за нормализирање на билатералните односи и за низа регионални и глобални прашања.
Една од главните теми на средбата е решавање на случајот со Мунбич, за што Чавушоглу истакна дека американската поддршка за терористите на ЈПГ/ПКК во тој регион е најголемиот камен на сопнување во билатералните односи меѓу Анкара и Вашингтон.
„Ние тежнееме кон тоа сириската криза да се реши по политички пат. Се противиме на обидите за поделба на Сирија, Турција е еден од најактивните учесници во сирискиот мировен процес во Астана, Сочи и Женева“, рече Чавушоглу.
Мунбич од август 2016 година е под окупација на ЈПГ/ПКК, терористичка организација која во северниот дел на Сирија делува под плаштот на т.н. Сириски демократски сили (СДС). Турција предупредува дека станува збор за сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, но САД сметаат дека СДС се доверлив партнер во борбата против терористите на ДЕАШ. Во составот на СДС се наоѓаат и неколку мали вооружени групи на локалните Арапи, па Вашингтон тврди дека не им помага на терористите, туку на арапските борци во Сирија.
Во Мунбич се ангажирани околу 2.000 американски војници, а и Турција и САД како НАТО сојузници сакаат да избегнат директни судири во тој регион.
На почетокот од годината турските сили ја започнаа антитерористичката операција „Маслинова гранка“ и од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ ослободија пошироко подрачје од северозападна Сирија, подрачјето на Африн. Турција најави дека ќе продолжи со операцијата кон исток доколку терористите на ЈПГ/ПКК не го напуштат Мунбич.
Осврнувајќи се и на тензиите во турско-американските односи што ги предизвика турскиот договор за набавка на антиракетниот систем „S-400“ од Русија, Чавушоглу изјави дека Турција првин барала од САД да купи противвоздушни системи, но дека Вашингтон ја отфрлил таа соработка и истакна оти на крајот Турција ги задоволила своите потреби преку соработка со Русија.
Коментирајќи ги и актуелните тензии на Блискиот Исток, Чавушоглу ги обвини муслиманските земји дека не прават доволно во однос на заштитата на статусот на Ерусалим (Кудс) и за зачувување на правата на Палестинците.
Во низата замерки кон администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Чавушоглу истакна дека посебно место зазема и неиспорачувањето на Фетула Ѓулен, челникот на терористичката организација ФЕТО, која во јули 2016 година изведе обид за воен удар во Турција.
Тој додаде дека и тоа ќе биде една од темите на неговата денешна средба со Помпео.