Ayşe Sarıoğlu,Nazlı Yüzbaşıoğlu
03 Август 2016•Ажурирај: 04 Август 2016
АНКАРА (АА) - Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, денес во Анкара изјави дека Европа не сфатила јасно колку терористичката организација ФЕТО се инфилтрирала во турските институции, организации, во судството, во војската, и колку нивните активности делуваат на демократската вредност, јавува Anadolu Agency (AA).
Јагланд во рамките на својата официјална посета на Турција се состана со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во зградата на Министерството во Анкара.
По состанокот одржана е заедничка прес-конференција.
Тој во своето обраќање истакна дека во посета на Турција дошол со цел во името на Советот на Европа, но и во свое лично име да му изрази поддршка на турскиот народ по жестокиот обид за државен удар на турската демократија и демократските институции на оваа земја.
Истакна дека турскиот народ храбро се спротиставил на обидот за државен удар и на тој начин станал убав пример. Според него „турскиот народ во цела Европа прати порака како да се чува демократијата, човековите права и демократските институции”.
Јагланд исто така изјави дека обидот за државен удар претставува чин кој е неприфатлив, без оглед од кој агол се набљудува.
„Отворен е оган врз народот на улиците. Голем број жители на Турција го загубија својот живот. Извршени се напади и бомбардирања на Парламентот на Турција и другите демократски институции. Во таа смисла, дојде до обид за државен удар, кој е потребно најостро да се осуди”, изјави Јагланд.
Тој го поздрави и единството кое го покажале и другите политички партии во турскиот парламент, истакнувајќи ја значајноста на тој чин.
„Потребно е да се открие кој стои зад овој обид за државен удар и кои се тајните мрежи на ова движење. Гледаме дека Европа не го сфатила јасно тоа дека ова движење се инфилтрирало во турските институции, организации, во судството, во војската, и колку нивните активности делуваат на демократската вредност. Ние веќе подолго време имаме информации за постоењето на ова движење. Поради тоа сметаме дека е неопходно да се исчистат институциите и организациите. Секако дека овие процеси требаат да бидат спроведени во согласност со владеењето на правото, Европската конвенција за човекови права и практиката на Судот за човекови права”, изјави Јагланд во врска со истрагата за обидот за пуч на терористичката организација ФЕТО.
Тој се израдува поради фактот дека турските власти изразиле желба во овој процес да соработуваат со експертите од Советот на Европа, и додаде дека тоа е вистински пат.
На крајот нагласи дека Турција за европскиот континент претставува многу важна земја и оти верува дека Европа исто така е важна за Турција.