Nazlı Yüzbaşıoğlu
24 Јануари 2021•Ажурирај: 25 Јануари 2021
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека бродот, што синоќа беше нападат од пиратите на отворени води кај Нигерија, се наоѓа во територијалните води на Габон и дека ги започнале потребните контакти со сите земји со цел спасување на киднапираните турски граѓани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу на телевизиска програма говореше за последните случувања во врска со товарниот брод „Моцарт“ со знаме на Либерија, што беше изложен на напад на отворени води кај градот Лагос во Нигерија.
Турскиот министер рече дека бродот е со странски сопственик и со странско знаме, но дека екипажот е обезбеден од страна на турска компанија.
„Значи, бродот не е во сопственост на турска компанија. 19 лица од екипажот се турски државјани, додека еден од нив е државјанин на Азербејџан. За жал, нашиот брат државјанин на Азербејџан загина“, нагласи Чавушоглу.
Тој потсети дека синоќа со неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов разговарале за ова прашање.
Шефот на турската дипломатија информира дека бродот се наоѓа во територијалните води на Габон и дека очекуваат да пристигне во пристаништето „Порт Жантил“.
Чавушогу нагласи дека побарале од Габон технички персонал и рече: „Само што ќе пристигне бродот, ќе го земеме трупот и ќе ги започнеме потребните процедури.“
Турскиот министер истакна дека турската амбасадорка Нилуфер Ердем Кајгисиз изутрината пристигнала во Порт Жантил и дека одблизу го следи процесот.
„Од друга страна, ги започнавме потребните контакти со сите земји, со цел спасување на нашите киднапирани граѓани“, рече Чавушоглу, додавајќи дека се во контакт и со правници, со компаниите за осигурување, како и со компанијата што го обезбедила екипажот.
„Овие пирати што ги киднапираа нашите граѓани сè уште не нè контактираа. Тие и претходно ги напаѓаа нашите бродови, како и бродовите на другите земји. Тие обично по извесно време нè контактираат и ги пренесуваат нивните барања. Но, направени се сите подготовки“, додаде шефот на турската дипломатија.