Bayram Altuğ
25 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, истакна дека загрижувачки се извештаите за прекршувањата на човековите права врз ујгурските Туркијци во Ујгурскиот автономен регион Синџианг во Кина и другите муслимански групи, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу имаше свое обраќање на отворањето на 40. сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации во Женева.
Тој истакна дека и покрај тоа што Турција истовремено води борба против бројни терористички закани, како ФЕТО, ПКК/ПЈД/ЈПГ и ДЕАШ, неговата земја секогаш им давала важност на човековите права, и дека заштитата на демократијата и човековите права секогаш биле нивна најзначајна агенда.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, упати благодарност до Агнес Каламард, специјалната известувачка на ОН за вонсудски и арбитрарни егзекуции, и нејзината екипа кои реализираа средби во Турција во рамки на истрагата околу убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Тој рече дека Каламард ја покажала потребната чувствителност за овозможување целосна отчетност за убиството на Кашоги.
Чавушоглу се осврна и на хуманитарните кризи во различни места во светот, и нагласи дека граѓанската војна во Сирија која влегува во 9-та година, продолжува да претставува закана за стабилноста и мирот во регионот.
Според него, Турција во која се засолнети околу 3,6 милиони Сиријци, е земја која е домаќин на најголем број бегалци во светот.
„Во оваа насока, дозволете ми да потсетам дека земјите кои од една страна се сметат како шампиони во човековите права, од друга страна се без желба за отворање на нивните граници за лицата кои избегале од страшните судири во Сирија“, рече тој, додавајќи дека Турција потрошила 35 милијарди долари за исполнување на потребите на раселените Сиријци.
Чавушоглу истакна дека прекршувањата на човековите права од страна на Израел во окупираните територии на Палестина достигнаа алармантни нивоа, и дека арбитрарните притворања, запленувањето на териториите на Палестина и присилувањето на Палестинците да се раселат претставуваат отворено прекршување на меѓународните права.
Тој рече дека Турција целосно го поддржува разбирањето за независна и суверена држава кое е праведна кауза на палестинскиот народ. Според него, уште позагрижувачко е што Израел го игнорира правото на живеење на палестинските цивили, кое е нивно најосновно право, и користи екстремна сила во оваа насока.
Министерот за надворешни работи на Турција се осврна и на кршењето на човековите права во Ујгурскиот автономен регион Синџианг во Кина, и додаде: „Загрижувачки се наодите во извештаите на Комитетот на ОН за елиминирање на расната дискриминација и во некои други извештаи за прекршувањата на човековите права врз ујгурските Туркијци и другите муслимански групи“.
Чавушоглу истакна дека од кинеските власти очекуваат да ги почитуваат глобалните човекови права, вклучувајќи ја и слободата на вероисповед на ујгурските Туркијци и другите муслимански групи.
Шефот на турската дипломатија во своето обраќање се осврна и на кипарското прашање.
„Кипарските Грци сè уште не можат да ја прифатат политичката еднаквост на кипарските Турци кои продолжуваат да страдаат од неправедните и нехуманите ембарга. Нивното разбирање за решение е интеграцијата на кипарските Турци во нивната постоечка држава како де факто етничко малцинство. Новиот преговарачки процес може да се започне само тогаш кога ќе се промени овој менталитет“, додаде тој.
Чавушоглу алудираше на тоа дека Ерменија сè уште продолжува да го окупира делот од 20 отсто од територијата на Азербејџан во Нагорно Карабах, а ерменската окупација принудува 1 милион Азербејџанци да бидат бегалци во својата земја.
Тој рече дека не треба да се заборави и масакрот во Хоџали, каде што загинаа стотици Азербејџанци.