Havva Kara Aydın,Faruk Zorlu
17 Декември 2020•Ажурирај: 18 Декември 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека со унилатералното наметнување санкции, Соединетите Американски Држави (САД) вршат напади врз суверените права на Турција и другите земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во интервјуто за телевизијата „24ТВ“ порача дека нормализацијата на турско-американските односи е можна доколку САД ги исполнат очекувањата на Турција.
„Одлуката на САД за воведување санкции кон Турција е погрешен потег и од правен и од политички аспект“, рече турскиот шеф на дипломатијата, Чавушоглу.
Властите на САД во понеделникот со посредство на механизмот КААТСА воведоа одредени санкции кон Турција поради набавката на руските ракетни системи С-400.
Американските санкции се однесуваат на Дирекцијата за одбранбена индустрија на Турција, нејзиниот шеф Исмаил Демир и уште тројца други официјални претставници.
Откако не успеа да постигне договор за купување на американскиот одбранбен систем „Патриот“, Турција пред три години потпиша договор со Русија за купување на системот С-400.
Американските власти негодуваа поради турската набавка на руските системи и тврдат дека тие системи не се компатибилни со системот на НАТО, како и тоа дека отвораат можност за руска саботажа на американските воени авиони Ф-35.
Од друга страна, Турција порача дека системите С-400 нема ни да ги интегрира во НАТО-системите на оружје и дека тоа нема да претставува закана за нејзините сојузници.