Tufan Aktaş
14 Март 2019•Ажурирај: 15 Март 2019
АДИС АБЕБА (АА) - Црната кутија на срушениот авион на авиокомпанијата „Етиопијан ерлајнс“ („Ethiopian Airlines“) ќе биде пратена на анализа во Франција, јавува Anadolu Agency (AA).
Црната кутија е делумно оштетена, а француското Биро за истрага на авионски несреќи (BEA) соопшти дека официјалните лица на Етиопија испратиле барање за анализа на црната кутија од летот.
Портпаролот на „Етиопијан ерлајнс“, Асрат Бегашав, изјави дека Етиопија нема капацитет ниту можност за анализа на црната кутија.
По авионската несреќа во Етиопија, Турција, Сингапур, Кина, Етиопија, Индонезија, Австралија, Малезија, Оман, Велика Британија, Германија, Франција, Холандија, Австрија, Казахстан, Обединетите Арапски Емирати, Нов Зеланд, Индија, Бахреин, меѓу кои и Северна Македонија и неколку други земји ги затворија своите воздушни простори, односно повремено ги запреа летовите на кои се користат авионите „Boeing 737 Max“.
Авиокомпаниите на неколку земји низ светот соопштија дека од летање ги повлекле авионите „B737 Max 8“.
Во несреќата на авионот од типот „B737 Max 8“ на „Етиопијан ерлајнс“, кој на 10 март се урна набргу по полетувањето од Адис Абеба кон Најроби, главниот град на Кенија, животот го загубија 157 лица.
Причината за падот на авионот сѐ уште е непозната. Станува збор за нов авион кој авиокомпанијата го купила во ноември минатата година.