свет

Црн чад од оџакот на капелата, не е избран нов папа на првиот состанок на ватиканската конклава

Продолжувајќи ја повеќевековната традиција, 133 кардинални електори се собраа во Ватикан за процесот на избор на 267. поглавар на Католичката црква, по смртта на папата Франциск минатиот месец

Beyza Binnur Dönmez  | 07.05.2025 - Обновена : 08.05.2025
Црн чад од оџакот на капелата, не е избран нов папа на првиот состанок на ватиканската конклава

ЖЕНЕВА (АА) - Црн чад се издигна од оџакот на Систинската капела вечерва, сигнализирајќи дека во првиот круг гласање во папската конклава не успеале да изберат нов папа, јавува Анадолу.

Продолжувајќи ја повеќевековната традиција, 133 кардинални електори се собраа во Ватикан за процесот на избор на 267. поглавар на Католичката црква, по смртта на папата Франциск минатиот месец.

Денот започна со свечена миса во базиликата „Свети Петар“, предводена од кардиналот Џовани Батиста Ре, кој претседаваше и со конклавата во 2013 година на која беше избран Франциск.

Потоа кардиналите се состанаа во Павловата капела и се упатија кон Систинската капела, каде што се одржува конклавата.

Систинската капела, украсена со фрески на Микеланџело, останува затворена сè додека не се избере нов папа.

Според правилата на конклавата, за избор на следниот папа е потребно двотретинско мнозинство.

Годинашнава конклава продолжува со традицијата што датира од 1492 година, кога Систинската капела беше домаќин на првиот избор на папа - година кога Кристофер Колумбо пристигна до Америка.

Некогаш процесот за избор на папа траеше со години, како во средината на 13 век, а поновите избори се одвиваат брзо. Во 2013 година Франциск беше избран по пет гласања за два дена.

Папата Франциск почина на 21 април на 88-годишна возраст, по низа здравствени компликации, вклучително и срцев удар.

Утре конклавата ќе продолжи со гласање.

Доколку биде избран нов папа, од оџакот ќе излезе бел чад, а формулата „habemus papam“ (на латински „имаме папа“) ќе ја изговори кардиналот протоѓакон од балконот на базиликата „Свети Петар“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın