Beyza Binnur Dönmez
09 Декември 2025•Ажурирај: 10 Декември 2025
ЖЕНЕВА (АА) – Меѓународната федерација на друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФРЦ) денес соопшти дека ја прекинува својата операција во централниот дел на Медитеранот за поддршка на мигрантите, завршувајќи го четиригодишното партнерство со организацијата СОС Медитеране на бродот „Оушн Вајкинг“, поради неможност да обезбеди средства за продолжување на работата по 2025 година, јавува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека нивниот персонал повеќе „нема да биде присутен“ на бродот, оставајќи ја СОС Медитеране сама да ги покрива оперативните трошоци.
Мисијата беше клучна за спасување животи, при што тимовите на ИФРЦ помогнаа во спасување на повеќе од 8.600 лица во изминатите четири години, меѓу кои и 2.200 деца.
„Со огромна болка и тага гледаме како финансиските ограничувања директно влијаат врз една толку важна и животоспасувачка операција“, изјави Марија Алказар Кастиља, заменик-регионална директорка на ИФРЦ за Европа.
„Благодарни сме им на сите партнерите што ја поддржаа оваа иницијатива – од финансирање до праќање персонал на бродот и застапување во име на мигрантите“, додаде таа.
За време на операциите тимовите на ИФРЦ обезбедуваа медицинска грижа, прва помош, психосоцијална поддршка, храна и информации за постапките за азил. Според податоците, тие учествувале во 156 спасувачки операции, поделиле 96.000 оброци, извршиле 6.500 медицински консултации и помогнале во праќање на 3.200 пораки „безбедни и живи“ до семејствата на мигрантите.
Иако операциите на море завршуваат, ИФРЦ наведува дека нејзината посветеност на мигрантите продолжува преку хуманитарни услуги по должината на миграциските маршрути низ Европа и пошироко.