Enes Canlı
25 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
АНКАРА
Хуманитарната организација „Хјуман рајтс воч“ (HRW) објави дека војската на Саудиска Арабија спроведувала голем број прекршувања, меѓу кои се и „измачување, киднапирања и самоволни приведувања“ на цивилното население во подрачјата на истокот од Јемен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Организацијата „Хјуман рајтс воч“, со седиште во Њујорк, објави извештај со изјавите на жртвите поврзани со насилствата во кои била инволвирана војската на Саудиска Арабија врз цивилното население во областа Ел Мехре која се наоѓа на границата на Јемен со Оман и Саудиска Арабија.
Јеменците чии изјави се објавени во извештајот, истакнуваат дека во близина на центарот на областа Мехре постои таен затвор во кој тие биле затворани и биле жртва на измачувања. Во извештајот се наведува дека во 16 одделни случаи Јеменците биле произволно приведени, додека во пет случаи „биле киднапирани и присилно однесени во Саудиска Арабија“.
Некои од приведените во своите изјави рекле дека биле приведени од јеменските единици што ги поддржува Саудиска Арабија, затворајќи ги во нелегални затвори каде што „биле тепани и измачувани со електрошокови сѐ додека не би ги признале измислените злосторства и сѐ додека не би ветиле дека ќе престанат со опозициските активности“.
Новинар, чие име во извештајот е сменето како Басим, изјавил дека војниците на Саудиска Арабија го измачувале со електрошокови, при што „како ѓубре го чувале затворен во ќелија“, без да му даваат храна.
Јеменците чии членови на семејствата се киднапирани и однесени во Саудиска Арабија, во изјавата за „Хјуман рајтс воч“ велат дека со месеци немале никакви информации за нивните деца, за потоа тие да им се јават телефонски од затворите во Саудиска Арабија.
Во извештајот проценка за состојбата дава Мајкл Пејџ кој вели „Ужасот што Саудиска Арабија и нејзините јеменски сојузници му го нанесоа на локалното население во областа Мехре претставува дополнителна активност на незаконските дејствија што ги спроведува коалицијата предводена од Саудиска Арабија.“