Ömer Faruk Yıldız
10 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) – Армијата на Мјанмар, која дојде на власт со државен удар, исплатила 2 милиони долари на фирма на израелски бизнисмен, за да лобира Соединетите Американски Држави (САД) да ги укинат наметнатите санкции врз земјата поради пучот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста на страницата ForeignLobby.com, споделени се информации за договорот потпишан помеѓу Мја Тун Оо, министерот за одбрана на хунтата во Мјанмар и Ари Бен Менаше, сопственикот на фирмата „Дикенс и Матсон“, со седиште во Канада.
Поранешниот разузнавач Mенаше, во согласност со договорот ќе контактирал со официјални лица од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Израел, Русија и Обединетите нации за „укинување или преиспитување“ на санкциите против Армијата на Мјанмар.
Исто така се наведува дека Бен Менаше ќе се состане со луѓе блиски до американската Влада и ќе се обиде да ги убеди властите за „фактите за тоа што се случи во Мјанмар“.
Меѓу другото, се нагласува дека воената администрација на Мјанмар ѝ платила на компанијата 2 милиони долари за овој договор.
Досега, САД, Велика Британија и Канада воведоа санкции против Армијата на Мјанмар, додека Австралија, Нов Зеланд, Сингапур и Швајцарија ги стопираа одбранбените и трговските односи со Мјанмар.
- Воен удар во Мјанмар -
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.