Mahmut Geldi
29 Септември 2024•Ажурирај: 30 Септември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Хезболах потврди дека во петокот во израелски воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут бил убиен и високиот командант Али Караки, јавува Анадолу.
Од Хезболах наведоа дека Караки загинал во воздушен напад изведен пред неколку дена во регионот Дахије во главниот град Бејрут.
Во нападот беше убиен и генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала.
Хезболах соопшти дека Караки, кој беше „командант на војниците на движењето на југ“ од 1982 година, кога е основан Хезболах, продолжил со своите должности како командант на Јужниот фронт од 8 октомври минатата година.
Потврдено е дека Караки бил убиен заедно со лидерот на Хезболах, Насрала, и група други високи претставници.
Али Караки беше познат како трета личност на врвот на военото крило на Хезболах и на чело на движењето.
Во израелските воздушни напади, кои резултираа со смрт на Насрала и на други високи претставници, уништени беа шест згради во квартот Дахије во Бејрут.
Израелските сили започнаа големи воздушни напади во Либан претходно оваа недела, во коишто загинаа стотици лица, и предизвикаа раселување на илјадници.
Тензиите дополнително ескалираа откако во петокот во Бејрут беа убиени Насрала и други команданти. Израелските сили продолжија со бомбардирање на делови од либанската престолнина.