Mustafa Melih Ahıshalı
19 Април 2017•Ажурирај: 19 Април 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи изјави дека непријателите ја напаѓаат неговата земја со економски средства и дека иранските власти мораат повеќе внимание да насочат кон решавањето на економските проблеми, јавува Anadolu Agency (AA).
На службената интернет-страница „khamenei.ir“ е соопштено дека по повод Денот на иранската армија, ајатолахот Хамнеи се обратил пред командантите на војската и на Револуционерната гарда во Техеран.
„Официјалните лица мораат сериозно да работат на прашањето за приходите на народот. Непријателите сега ја напаѓаат нашата нација со економски средства и затоа особено мора да се води сметка за решавање на економските проблеми“, порача ајатолахот Хамнеи.
На 19 мај, во Иран ќе бидат одржани претседателски избори, а верскиот лидер Хамнеи и денес ги повика гласачите во што поголем број да излезат на изборите и да не им дозволат на „странските непријателски медиуми“ да го дискредитираат изборниот процес.
Паралелно со тоа, во Иран се води дискусија за здравствената состојба на 78-годишниот Хамнеи, а тој ни во денешното обраќање не го коментираше тоа прашање.
Портпаролот на иранскиот парламент, Ахмед Хатеми, минатиот месец соопшти дека е формирана тајна комисија за избор на наследник на Хамнеи на позицијата ирански верски лидер и дека во конкуренција се десет кандидати.
Ајатолахот Хамнеи пред три години беше подложен на оперативен зафат поради карцином на простатата.