Ahmed Asmar
13 Февруари 2025•Ажурирај: 14 Февруари 2025
АНКАРА (АА) – Палестинската група на отпорот Хамас денес соопшти дека ќе продолжи со ослободувањето на израелските заробеници согласно со договорот за прекин на огнот во Газа, јавува Анадолу.
Во соопштение, Хамас наведе дека одлуката е донесена по разговори со медијаторите Египет и Катар, кои ветиле дека ќе работат на „отстранување на пречките и пополнување на празнините“.
„Ќе продолжиме со спроведување на договорот за Газа според договореното, вклучително и размената на затвореници според утврдениот временски распоред“, се наведува во изјавата.
Хамас во понеделникот најави дека ќе го одложи ослободувањето на следната група заробеници, обвинувајќи го Израел за прекршување на договорот за прекин на огнот.
Палестинските локални власти објавија низа израелски прекршувања на договорот, вклучително и пукање врз цивили и спречување на пристапот до хуманитарна помош, како што се шатори и контејнери за раселените во Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху следниот ден се закани дека ќе го раскине договорот доколку Хамас не ги ослободи заробениците до сабота напладне.
Хамас соопшти дека делегација, предводена од лидерот на групата во Газа, Халил ал-Хаја, одржала разговори со египетските и катарските медијатори за спроведување на договорот за прекин на огнот.
„Нашата делегација во разговорите инсистираше на неопходноста од целосно спроведување на сите точки од договорот, особено во однос на обезбедувањето засолниште за нашиот народ, итно доставување на контејнери, шатори, тешка механизација, медицински материјали, гориво и континуиран прилив на хуманитарна помош, како што е предвидено со договорот.“
„Разговорите беа конструктивни, а медијаторите Египет и Катар нагласија дека ќе продолжат со напорите за надминување на пречките и решавање на сите отворени прашања“, се додава во соопштението.
Договорот за прекин на огнот и размена на затвореници е на сила во Газа од 19 јануари, ставајќи привремен крај на израелската офанзива, во која досега се убиени повеќе од 48.200 лица, главно жени и деца, оставајќи ја палестинската енклава во урнатини.
Досега, Хамас ослободи 16 Израелци и пет тајландски работници во замена за стотици палестински затвореници во израелските затвори, како дел од првата фаза на договорот.