Ikrame Imane Kouachi
22 Февруари 2025•Ажурирај: 23 Февруари 2025
ГАЗА (АА) - Бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас, денес му предадоа пет израелски заробеници на Црвениот крст на две локации во Газа, како дел од седмата размена во рамките на договорот за прекин на огнот, јавува Анадолу.
Двајца заробеници беа ослободени во Рафа, јужна Газа, Тал Шохам, оперативец во израелската разузнавачка служба Мосад и Авера Менгисту, фатен во 2014 година под мистериозни околности кога влегол во Газа.
Потоа, Хамас ослободи уште тројца израелски заробеници - Елија Коен, Омер Шем-Тов, Омер Венкерт - во Нусејрат, централна Газа.
Шестиот заложник, Хишам Ал-Сајед, треба да биде ослободен подоцна во текот на денот без официјална церемонија.
Претставниците на Црвениот крст потпишаа официјален протокол за трансфер со Бригадите Ал-Касам, осигирувајќи безбедно предавање на заробениците.
Израелската армија во соопштение потврди дека ги примила заробениците, велејќи дека тие биле на пат за Тел Авив каде што ќе им биде извршена првична медицинска евалуација.
Вкупно, шест израелски заложници ќе се ослободат денес во замена за 602 Палестинци кои се држеа во израелските затвори. Уште четворица ќе бидат ослободени во Нусејрат, централна Газа.
Договорот за прекин на огнот стапи на сила минатиот месец, запирајќи ја геноцидната војна на Израел, во која се убиени најмалку 48.000 Палестинци, главно жени и деца, и која ја остави енклавата во урнатини.
Во ноември 2024 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против енклавата.