Büşra Nur Bilgiç Çakmak
22 Септември 2020•Ажурирај: 23 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Европа е подготвена за дијалог со Турција за прашањето поврзано со Источниот Медитеран, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние ја почитуваме Турција. Подготвени сме за дијалог. Но, очекуваме Турција да го почитува европскиот суверенитет, меѓународното право и да даде појаснување за своите дејствија во Либија и во Сирија“, рече Макрон, обраќајќи се на 75-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што оваа година се одржа виртуелно, поради пандемијата.
Макрон рече дека потребна е посветеност кон ефективен, јасен дијалог за Источниот Медитеран „за да се избегне нов простор на конфронтација, што би го загрозило меѓународното право“.
„Она што ни е потребно е почитување на меѓународното право и соработка, почитување меѓу сојузниците“, додаде тој.
Тензиите ескалираа неодамна околу прашањето за истражување на енергетските ресурси во Источниот Медитеран.
Грција, со поддршка на Франција, го оспори истражувањето на енергетските ресурси од страна на Турција во регионот, обидувајќи се да ја ограничи турската поморска територија врз база на малите грчки острови во близина на турскиот брег.
Турција, земја со најдолго крајбрежје на Медитеранот, испрати наменски бродови за истражување на енергетските ресурси во својот континентален појас, нагласувајќи дека и Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) имаат права во тој регион.
Со цел да се намалат тензиите, Турција повика на дијалог за да се обезбеди праведна поделба на ресурсите.
Турција и Франција се исто така во несогласица и околу Либија, бидејќи Анкара ја поддржува легитимната Влада на земјата призната од ОН со седиште во Триполи, додека Париз ги поддржува милициските сили на пучистот Калифа Хафтар.