Ahmed Asmar
24 Октомври 2023•Ажурирај: 24 Октомври 2023
ЕРУСАЛИМ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денес пристигна во посета на Израел да ја изрази „целосната солидарност“ на Франција со Израел поради нападот на Хамас и да се состане со израелски официјални претставници, јавува Анадолу.
Израелскиот јавен сервис КАН соопшти дека се очекува Макрон да се состане со израелскиот претседател Исак Херцог и премиерот Бенјамин Нетанјаху подоцна во текот на денот.
Според соопштението од неговиот Кабинет, целта на посетата е Макрон да придонесе за ослободување на заложниците што ги држи палестинската група Хамас во Газа и, исто така, да повика на продолжување на „вистинскиот мировен процес“ меѓу Палестинците и Израелците.
Неколку европски лидери дојдоа во посета на Израел во изминатите две недели за да покажат солидарност со Израел поради нападот на Хамас на 7 октомври, во кој загинаа стотици Израелци, а околу 200 беа заробени од оваа група во Газа.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и блокада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, повеќестран ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел по копно, море и воздух. Се наведува дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Израелската армија продолжи со интензивни воздушни напади врз Газа, во кои уништи цели населби.
Бројот на загинати Палестинци од почетокот на израелските воздушни напади врз Појасот Газа се искачи на 5.087, соопшти вчера Министерството за здравство во блокираната енклава.
Според израелските власти, во нападите на Хамас од 7 октомври загинале над 1.400 Израелци.