Ayhan Şimşek
06 Ноември 2024•Ажурирај: 07 Ноември 2024
БЕРЛИН (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц ветија дека ќе го зајакнат европското единство по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, јавува Анадолу.
Во соопштението на Твитер, Макрон рече дека тој и Шолц разговарале за изборниот резултат во текот на денешниот телефонски разговор.
„Ќе работиме за пообединета, посилна, посуверена Европа. Со соработка со Соединетите Американски Држави и бранење на нашите интереси и вредности“, рече Макрон.
Оваа изјава лидерите ја дадоа откако Трамп прогласи победа на претседателските избори, иако официјалните резултати сè уште се чекаат.
Според Асошиетед прес, Трамп собрал 277 електорски гласови.
Враќањето на Трамп во Белата куќа ќе значи значителна промена во американското раководство и потенцијално во американско-европските односи. За време на претходниот мандат Трамп јавно ги критикуваше европските сојузници во НАТО дека не ја исполниле целта на алијансата да одделуваат 2 отсто од БДП за трошоците за одбрана.
Тој тврдеше дека САД носат неправеден товар за трошоците на НАТО и се закани дека ќе се повлечат од алијансата доколку другите членки не го зголемат својот придонес.