Dilara Hamit
18 Ноември 2019•Ажурирај: 19 Ноември 2019
ПАРИЗ (АА) - Францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, изјави дека француската полиција низ земјата уапсила 254 демонстранти на годишнината од антивладините протести под називот „Жолти елеци“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кастанер, кој гостуваше во телевизиска емисија емитувана на CNEWS, „Les Echos“ и „Europe 1“, ги обвини „разбојниците“ за насилствата на протестите во саботата во Париз.
Тој ги обвини активистите за напаѓање на безбедносните сили и спречување на пожарникарите да си ја извршуваат нивната работа.
„Вкупно 254 лица, од кои 173 во Париз, се притворени во протестите низ земјата во саботата“, изјави Кастанер.
Францускиот министер тврдеше дека полицијата не употребила сила врз демонтрантите.
Антивладините протести под називот „Жолти елеци“ започнаа на 17 ноември 2018 година како реакција на поскапувањето на цената на горивото и економската неправда, но подоцна ескалираа во смртоносни антивладини немири.
Демонстрантите одлучија да носат жолти елеци, дел од стандардниот безбедносен комплет во француските автомобили, за да ги направат своите членови полесно видливи.
Во демонстрациите загинаа 11 лица, а над 4.000 беа повредени, вклучувајќи ги и демонстрантите и полицијата.
Активистите тврдат дека 24 демонстранти изгубиле око и пет изгубиле рака.
Најмалку 8.400 лица се приведени од почетокот на протестите на „Жолтите елеци“, и околу 2.000 беа задржани во притвор.