свет

Франција ја подигна тревогата за тероризам на највисоко ниво по нападот на концертната сала во Москва

Откако терористичката група ДЕАШ ја презеде одговорноста за нападот „и заканите што висат над нашата земја, решивме да го подигнеме Вигипират на највисоко ниво: критична опасност од напад“

Feyzullah Yarımbaş  | 25.03.2024 - Обновена : 28.03.2024
Франција ја подигна тревогата за тероризам на највисоко ниво по нападот на концертната сала во Москва

ИСТАНБУЛ (АА) - Франција синоќа ја подигна тревогата за тероризам на највисоко ниво по терористичкиот напад во кој загинаа најмалку 137 луѓе во концертна сала во Москва, пренесува Анадолу.

„По нападот во Москва вечерва во Елисејската палата е свикан Советот за одбрана и национална безбедност од страна на претседателот на Републиката (Емануел Макрон)“, извести премиерот Габриел Атал преку платформата Х.

Откако терористичката група ДЕАШ ја презеде одговорноста за нападот „и заканите што висат над нашата земја, решивме да го подигнеме Вигипират на највисоко ниво: критична опасност од напад“, рече тој, мислејќи на системот за предупредување за националната безбедност на Франција.

Бројот на загинати во пукањето во концертната сала во петокот во предградие на Москва се искачи на 137, соопштија федералните истражни органи на земјата.

Во соопштението на рускиот Истражен комитет се вели дека на местото се пронајдени телата на 137 лица, од кои три деца.

„Истрагата на местото на настанот продолжува. Досега се идентификувани 62 тела. За другите жртви се вршат генетски тестови за да се утврди нивниот идентитет“, се наведува во соопштението.

Се додава дека на местото на настанот биле пронајдени повеќе од 500 парчиња муниција и 28 магацини, како и два автомата калашников.

Руското Министерство за здравство соопшти дека 180 лица се хоспитализирани и дека 142 од нив се на болничко лекување.

Вооружени напаѓачи отворија оган врз присутните на концертот во градското Собрание во Красногорск доцна во петокот, каде што требаше да настапи рок-групата „Пикник“.

Претседателот Владимир Путин го прогласи 24 март за национален ден на жалост за загинатите во нападот, а знамињата беа спуштени на половина копје.

Руските власти уапсија 11 лица во врска со нападот, од кои четворица директно инволвирани, соопшти Федералната служба за безбедност.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.